Со поддршка на Општина Велес, вчеравечер во Афитеатарот во Велес се одржа настан за промоција на кампањата „Подај рака и промени живот-стани згрижувач“ која има за цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства во државата. Националната кампања се спроведува од страна на СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика и локалната власт.
На настанот пред присутните се обрати Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеини кој говореше за важноста од развој на мрежата на згрижувачи. За значењето на социјалните услуги во локалната зедница како и за соработката и поддршката на општината со институциите зборуваше заменик градоначалникот на Општина Велес Коста Нојков.
Пред присутните се обрати и Марио Јанчев од Советот за соработка со граѓанскиот сектор. Тој ја објасни поддршката и помошта на згрижувачите од страна на државата. Згрижувачки семејства споделија искуства од нивното долгогодишно искуство во згрижување на деца.
Присутните гости на настанот ги забавуваше балетското студио „Анабела“.