Во рамки на 62. издание на Рациновите средби, вчеравечер во фоајето на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ беше промовиран романот „Цреша“ на Александар Кукулев. Ова е четврто книжевно дело на Кукулев кое исто како и претходните ја освои читателската публика со својата симболика и длабочина.
Промоцијата започна симболично со изведба на песната „Цреша“ од Тоше Проески од страна на детски хор која предизвика силни емоции кај публиката и авторот. Промотори на книгата беа Огнен Неделковски, д-р Елена Карева Пиловска и Славица Митровска. Секој од нив го сподели своето доживување и видување на книжевното дело. Модератори на настанот беа актерката Весна Димитрова Бобевски и Кире Ацевски.
Настанот покажа дека велешката читателска публика одлично препознава книжевно дело кое се чита во еден здив, чекајќи во редици за потпис и посвета од авторот на романот „Цреша“, во кој тишината, болката и неизлекуваната траума говорат посилно од зборовите.