Во изминатите осум месеци, Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус”, со партнерите ПОУ „Маца Овчарова” и ОЈУДГ „Димче Мирчев”, работеа на формирање и ставање во употреба на првите зелени детски градини во Велес, но и во државата.

Во рамки на проектот, во дворовите на ПОУ „Маца Овчарова” и клонот „Ѕвончица” на ОЈУДГ„ Димче Мирчев” поставени се пластеници во кои е засаден расад од повеќе видови зеленчук, хербални растенија (чаеви, зачини) и 25 туи, хортикултурно се уредени дворовите, подигнати се вертикални ѕидови од палети и заштитна мрежа.

Градоначалникот Коцевски ја поздрави идејата за реализација на овој проект и им честиташе на партнерите вклучени во проектот за успешно спроведените активности. „Велешани имаат најсилно изразена еколошка свест во државата и добро е што Велес, преку овој проект е повторно лидер во продолжувањето по овој пат”. Коцевски се заблагодари на поддршката од Министерството за животна средина и просторно планирање и истакна дека од општинскиот буџет проектот беше поддржан од Општина Велес со финансиски средства во износ од 71.150,00 денари.

„Секоја добра идеја заслужува поддршка”, изјави заменичката-министерка за заштита на животната средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска. „Велес е пример кој треба да го следат и другите градови и институции кои ќе овозможат едукација на најмладите за здравата животна средина и за органското производство”, додаде таа.

Проектот „Зелени детски градини” го финансираше Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање со поддршка од 300.000,00 денари, а покрај Општина Велес во поддршката се вклучија и неколку општествено одговорни компании од Велес „Ронтис“, „Хемомак“, ШС „Бабуна“, ЈКП „Дервен“, ГП „Делта Пром“ и фабриката за шински возила „Колска“.