Во рамките на Европската недела на мобилност, Општина Велес го продолжува проектот за изградба на полигон за велосипеди (pump track). Во Градскиот парк во Велес младите велешани ќа добијат место наменето за забава и рекреација,
каде ќе имаат можност да уживаат во своите велосипеди, тротинети, ролери и скејтборди. Полигонот за велосипеди е втор ваков објект на национално ниво, се гради на простор на 660 м2, во Градскиот парк (под ракометното игралиште).

Формата на патеката ќе овозможи забавна, но безбедна спортска активност.  Совршен е за учење на основните вештини и трикови, како и за тренирање на врвни велосипедисти, за што се потребни вештина и брзина. Асфалтната pump track патека е конципирана на начин што во најголема мерка се приспособува кон формата на расположливата површина.
Проектот е започнат во текот на минатата година, а во зависност од временските услови, полигонот ќе биде изграден за триесетина денови.
Инвеститор е Општина Велес, а изведувач на работите е Друштвото за трговија и услуги “Јумак Киро”, ДООЕЛ – увоз извоз, Скопје, во соработка со врвни експерти од Словенија во оваа област. Вредноста на проектот е околу 4.000.000,00 денари со вклучен ДДВ.
Ова е една од седумдневните активности со кои Општина Велес ја одбележува Европската недела на мобилност 2021. Истата ќе биде заокружена со завршен настан на меѓународниот Ден без автомобили, 22 септември.