Тркалезна маса на тема „Поврзување на локалните и националните институции во креирањето на родово сензитивни и инклузивни антикорупциски политики“ денеска се одржа во Велес, во организација на Организација на жени на Општина Велес во партнерство со Националната мрежа „Жените за жените“ со поддршка на Општина Велес. Учесниците од различни институции разменија искуства околу интегрирањето на родовата перспектива во борбата против корупцијата и политиките за интегритет. Фокусот беше ставен на подобрување на соработката меѓу институциите на локално и национално ниво.
„Темата род и корупција ја има во секој сегмент од општеството, но многу малку препознаваме дека корупцијата различно влијае врз мажите и жените. Ги разработувавме стратегиите на клучните институции и сакаме да ја подобриме локалната со националната соработка. Крајната цел на проектот е да ја вклучиме јавноста, да пријавува корупција, но клучната цел ни е жените да се вклучат во сите општествени процеси и во борбата против корупција“, истакна Оливера Ефтимовска, претседателка на Националната мрежа „Жените за жените“.
За правната регулатива и за важноста на локалните стратешки документи во борбата против корупцијата зборуваше проф. д-р. Зорица В. Силјановска, додека политикологот доц. д-р Гордан Георгиев се осврна на политичките партии и нивното влијание на локалната корупција.
Истражувањата покажале дека во развиените земји каде што има поразвиена родова еднаквост има помала корупција.
Тркалезната маса е дел од проекот во „Интегрирање на родовите аспекти во напорите за борба против корупцијата“ финансиран од Европска Унија и SELDI.








