Со поддршка на Општина Велес, а во реализација на Организацијата на жени на Велес, синоќа, 30 август, во ликовниот салон се одржа тркалезна средба на претставнички на партиските тела на жените од политичките партии од градот. Активноста е дел од проектот: „Активирај се – кандидирај се“,  чија генерална цел е зголемено учество на жените во политиката и нивно активно дејствување во сите сфери во јавниот и општествениот живот.

На средбата се обратија Мирјана Трајкова, претседателката на невладината организација, претседателката на првоформираната Комисија за еднакви можности во Велес, Стојна Трајковска и Билјана Вељанова, координаторката за еднакви можности помеѓу жените и мажите на Општина Велес.

Во една крајно релаксирана атмосфера, со многу позитивна енергија и оптимизам учесничките споделија лични и партиски искуства за актуелните состојби.

Средбата беше заокружена со силно изразена волја за меѓусебна соработка на полето на еднаквите можности и навестија идеи за идни заеднички дејствувања преку организирана форма на делување.