Над 200 граѓанки и граѓани на Велес денеска засадија 12 000 дрвца на есенската акција за пошумување на опожарениот појас крај Езеро Младост. Сложно и вредно работеа војници, пожарникари, акцијаши, службеници, советници и раководни лица, претставници на Граѓански здруженија, Општинска организација на Црвен крст, Шумско стопанство ,,Бабуна“ и други вљубеници на природата и здравата животна средина. За неполни три часа на изораните леи беа засадени високо стеблестите дрвца.
,,Акцијата помина успешно и уште еднаш велешани покажаа и докажаа дека само заедно и сплотено може да се направи општо добро за заедницата. Ништо не е поважно од здравјето на луѓето кое се постигнува со благородна работа. И во иднина ќе продолжиме да работиме заедно на обновување и зачувување на животната средина“, рече Градоначалникот Коцевски.
Со 40 висококвалитетни стебла на годинешнава акција учествуваше и Лајонс клубот од Велес. Местото на кое ги засадија дрвцата, во нивна чест ќе се нарече Лајонс парк.
,,Чест и задоволство ни е што на оваа акција учествуваме со наша донација на стебла. Се надевам дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина“, рече Претседателот на Лајонс клубот Ацо Ѓорѓиевски.
,,Еве и ние денес со засадување на дрвца придонесуваме во обновување на шумскиот фонд на езеро Младост и се надеваме дека ова ќе биде пракса и во иднина да го правиме тоа“, рече Гувернерот на Дистрикт 132 Марјан Талев.
На акцијата за пошумување присутни беа и претставници на македонско-американската асоцијација ,,Алумни“, кои со дел од средствата што ги собраа од минатогодишниот концерт учествуваа на акцијата.
,,Горди сме на тоа што и ние сме дел од оваа масовна акција за пошумување. Се надевам дека во иднина ова место ќе се разелени и повторно ќе биде едно од најатрактивните туристички места не само за жителите на Велес туку и пошироко“, рече Верица Јорданова.
На минатогодишната акција беа засадени вкупно 13 700 садници. 2.700 беа донација од Ротари Клубот а останатите ги набави Општината со пари од буџетот. Минатогодишната акција помина повеќе од успешно затоа што речиси сите садници се зафатени.