„Почитувани сограѓани,

Како градоначалник на Општина Велес, во однос на немилиот настан кој се случи во петокот, кога се сруши дел од зградата на Работнички универзитет „Благој Страчковски“, сакам да ве информирам дека заедно со сите надлежни институции (МВР, Јавно обвинителство, ТППЕ, градежен инспектор и општински служби) веднаш излеговме на терен за констатирање на фактичката состојба.

Изминатиот викенд вклучувајќи го и денешниот ден службите на Општина Велес вршеа увид во целокупната постапка за добивање одобрение за градба, каде е констатирано дека се запазени сите правни процедури. Утврден е пропуст во текот на постапката за добивање на одобрение за отстранување на постоечки објект, односно по доставеното барање од страна на инвеститорот истото не е издадено од Општината поради чекање на потребните согласности, а самиот своеволно отпочнал со рушење без да добие одобрение.

Со оглед на оваа констатирана состојба закажана е средба со инвеститорот, изведувачот и надзорот, на која согласно насоките од службите ќе се задолжат за преземање на конкретни чекори, а МВР и Јавното обвинителство согласно потпишаниот записник ќе покренат соодветни постапки за утврдување на одговорноста.

Објектот на РУ „Благој Страчковски“ е во сопственост на Република Македонија, поради што се чека на насоки од страна на Државно правобранителство за понатамошно постапување, а со цел спречување на поголема катастрофа, Општина Велес во соработка со МВР ќе воспостави времен режим на сообраќај во овој дел од градот.

Дополнително, со ТППЕ Велес се преземаат сите потребни дејствија за вадење на опремата на универзитетот и испитниот центар, како и обезбедување простор за нивно непречено функционирање.

Изминатите денови во јавноста се пласираа бројни неточни информации, поради што упатувам апел до сите политички партии и засегнати страни да не ја користат оваа несреќа за лични интереси и дневно политички цели.

Целта е заедничка, расветлување на случајот и преземање на конкретни дејствија. Безбедноста на граѓаните е приоритет и ничија одговорност нема да биде амнестирана, поради што се преземени сите чекори од она што е моја надлежност како градоначалник на Општина Велес.

За среќа се помина без човечки жртви, само со причинета материјална штета, оттука уште еднаш апелирам за професионалност и непристрасност во текот на постапката.

 

Со почит,

Марко Колев,

градоначалник на Општина Велес.“