„Новата учебна година започна успешно  во сите основни и средни училишта на територијата на Општина Велес“, рече денеска на прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски.  Тој нагласи дека освен помали пречки, вклучително проблемите предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид 19, не се забележани поголеми предизвици во наставниот процес. Сите учебници по новите наставни планови и програми за учениците во прво одделение веќе се дистрибуирани. Во текот на денешниот ден ќе пристигнат и учебниците за реформираната настава за четврто одделение. Коцевски ја извести јавноста дека според евиденцијата од надлежните институции регистрирани се двајца директори на училишта кои се позитивни на Ковид 19 и тоа еден во основно и еден во средно училиште. Позитивни на вирусот се тројца ученици од средните и шестмина ученици од основните училишта. Две одделенија се во изолација и тоа две паралелки од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ и осум ученици од основните училишта. Во изолација се учениците кои не се вакцинирани. Регистрирани се и позитивни случаи на вирусот помеѓу вработените во локалните установи и тоа еден наставник во основно училиште, еден педагог, еден психолог и еден хигиеничар во детска градинка.

„Ако се земе во предвид   вкупниот број на вработени и ученици, состојбите сериозно не влијаат на одвивањето на наставата“, нагласи Коцевски.

Коцевски најави бројни зафати  за набавка на опрема и реконструкција во училишните објекти како и во музејот, библиотеката и детската градинка, во вредност од над 1.700.000 евра. Воедно има заштеди од блок дотациите во висина од 104 милиони денари кои останаа непотрошени од 2020 година. Овие средства се веќе распределени во училиштата, а во тек се постапките за јавни набавки.

„Тоа се огромни суми на средства кои досега никогаш не биле вложени во нашите училишта, со што во огромна мера ќе се подобри условите за одвивање на воспитно-образовниот процес“, додаде Коцевски.

Градоначалникот информираше дека преку Министерството за образование и наука се обезбедени и дополнителни средства за дел од основните и средните училишта во Велес. Во наредниот период овие средства ќе бидат вложени во значајни инфраструктурни зафати меѓу кои и изградба на спортска сала во училиштето „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари. Коцевски упати апел до учениците и родителите да не го прифаќаат бојкотот на наставата на кој вчера повика една граѓанска организација и активно да се вклучат во наставата која е најважната инвестиција во иднината на државата.