Амбасадорката на Швајцарија во РСМ, Н.Е. Вероник Улман денеска беше во работна посета на Општина Велес. Целта на посетата е промовирање на реализираните активности во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ , финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка а имплементиран од УНДП. На средбата со Градоначалникот Марко Колев и Претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков, се разговараше за досегашната успешна соработка, а се изврши и примопредавање на теренско возило за потребите на Територијалната противпожарна единица.

„Во изминатиот период имавме можност со поддршка на Швајцарската Влада, односно Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП да реализираме проекти и активности кои во голема мера ги зајакнаа капацитетите на Општина Велес. Покрај техничката опрема за зајакнување на транспарентноста на Советот на Општина Велес и спроведените обуки, во рамките на организираните форуми на заедницата, граѓаните имаа можност активно да се вклучат во процесот на одлучување за реализација на приоритетните проекти на општината. Упатувам голема благодарност до амбасадорката, швајцарската развојна агенција за досегашната соработка која се надевам ќе продолжи и во иднина“, истакна Марко Колев,  градоначалник на Општина Велес.

„Навистина ми е мило што сум во Општина Велес како претставник на швајцарската амбасада која долги години ја поддржува општината и поддржува проекти за развивање на капацитетите на општината. Соработката со градоначалникот и со општинскиот Совет беше навистина добра и навистина ми е мило што имавме успех во спроведувањето на проектите за доброто на граѓаните на Велес. Особено сум среќна што можеме дополнително да ја поддржиме Општина Велес преку донација на специјализирано возило за потребите на Територијалната противпожарната единица која ги покрива и териториите на соседните рурални општини“, изјави Вероник Улман, амабасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија.

„Проектот  отвори многу нови можности за интензивирање на нашата комуникација со граѓаните што е основен принцип на работа за секое ниво на власт, вклучително и општинските совети. Уверен сум дека проектот ја постигна целта да воспостави систем на одговорна и транспарентна локална самоуправа, во која избраните претставници заедно со граѓаните работат ефикасно и ефективно во дефинирање на развојните приоритети на општината, но и на нејзините жители“, рече Зоран Љутков, претседател на Советот на Општина Велес.

„Се надеваме дека со новото возило единицата ќе дејствува многу практично и ефикасно на тесните сокаци во градот. Но ќе продолжиме со обуки на млади луѓе, со програми и проекти и сето тоа во соработка со територијаната противпожарна единица и градоначалникот Колев“, истакна Љупчо Лепидовски, командир на ТТПЕ Велес.

Со поддршка на швајцарската агенција за соработка и развој, Општина Велес го реализираше и проектот „Велес без бариери“, кој беше насочен кон подобрување на животот на децата и возрасните граѓани со ограничена мобилност. Со грант од околу 2.7 милиони денари се нивелираа 23 тротоари долж главната улица „Благој Ѓорев” и се инсталираше лифт во зградата на СОУ „Гимназија Кочо  Рацин” и ССОУ „Димитрија Чуповски”.