На Спомен костурницата вчеравечер свечено беа отворени шеесет и првите Рацинови средби кои годинава се одбележуваат под слоганот „Рацин – македонска меморија.“ Пред присутните гости се обрати градоначалникот Марко Колев кој истакна дека велешани со гордост го носат името на негови наследници.
„Од ова место, споменикот кој ги чува Рациновите коски и го варди нашиот Велес посакувам секој од нас да го пронајде својот пат за чување на македонскиот јазик, култура, идентитет, историја и традиција“, порача Колев.
Годинава Рациновото признание отиде во рацете на писателката Фросина Пармаковска за романот „Се уште можам нешто да сторам“.
Во чест на великанот Беседата за Рацин ја одржа професор доктор Михајло Марковиќ, а почитувачите на ликот и делото на Рацин имаа можност да проследат и поетско-сценски перформанс.
Делегации на Општина Велес и јавни институции се поклонија и положија свежо цвеќе пред спомениците на Рацин во дворот на Гимназијата и во центарот на градот.
Во спомен на Рацин, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одржа трибина на Анде Јанков со наслов „Приказните и раскажувањето“.
Вечерва во Амфитеатарот на Младински парк свечено ќе биде доделено и Почесното Рациново признание.