Да се волонтира значи да се делува на добра волја и од хумани побуди. Велес е град на хумани луѓе и волонтери чија вредност е бесценета, тие се присутни и активно делуваат во сите сегменти од општественото живеење и во насока на подобрување на животот на ранливите категории на граѓани во заедницата.

Со панел дискусија на тема волонтерството и младите, на која присуствуваа средношколци од средните училишта во градот и градоначалникот Марко Колев, денеска во Општина Велес се одбележа Светскиот ден на волонтерството, 5 Декември.

Пред присутните градоначалникот Колев говореше за значењето на волонтерството и неговото искуство на тоа поле и ги поттикна младите да поставуваат прашања за сите теми кои нив ги засегаат.

На панел дискусијата учествуваа претставници на средношколските заедници од сите средни училишта во Велес, ученици од основни училишта, претставници на Локални младински совети и претставници на младите од граѓанскиот сектор од Велес.