Актерот Тони Михајловски е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година. Ваква одлука донесе жири комисијата сосатвена од актерите Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов. Наградата ќе биде врачена во рамки на фестивалот на комедија „5ре“ кој ќе се одржи од 20 до 31 март. Театарскиот фестивал на комедија се одржува по трет пат во организација на Здружение Плус публика. Градоначалникот Марко Колев истакна дека Општина Велес вложува сериозни финансиски средства во културата.

„Општина Велес досега финансирала голем број на културни настани кои траат со децениии но и оние кои сме ги формирале од пред три години. Овој театарски фестивал посветен на великанот Петре Прличко, општината го финансира со 800.000 денари. Се надевам дека љубителите на театарската комедија ќе имаат можност да проследат интересни и квалитетни театарски претстави“, рече Колев.

Во рамки на фестивалот на комедија ќе се одиграат шест претстави. Манифестацијата започнува со претставата на велешкиот театар „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов, потоа следуваат претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“, „Мој термин“ во изведба на МНТ, „Црвенкапа“ на Театар за деца и младинци, „Секс и лаги“ во изведба на кумановскиот театар, „Женидба“ на Народен театар Штип и стенд ап комедија на Сашко Коцев.