Општина Велес денеска беше домаќин на учениците од основното училиште „Васил Главинов“ и нивните врсници од Полска, Шпанија и Турција, кои преку Erasmus+ проектот „X=Y That is FAIR“ се во посета на градот. Проектот е посветен на родовата еднаквост и создавањето еднакви можности за сите, а има за цел да ги поттикне учениците да ги препознаваат предрасудите, дискриминацијата и другите нееднакви третмани со кои секојдневно се соочуваме во општеството.
Преку заеднички едукативни работилници, креативни активности и размена на искуства, учениците вклучени во проектот ја унапредуваат својата свест за значењето на родовата еднаквост во училиштата, институциите и сите сфери на општественото живеење. Истовремено ваквите средби им овозможуваат да запознаат различни култури и да почитуваат вредности засновани на почитување и меѓусебно разбирање.
На денешната заедничка средба во Општина Велес, присуствуваа заменик градоначалничката Елизабета Митревска Анѓелеска, раководителката на одделението за јавни дејности Верица Тодоровска Дацева и координаторката на проектот Весна Николова кои ги поздравија учениците и им посакаа плодна работа за време на проектните активности, пријатен престој во нашиот град и создавање на нови искрени пријателства. Истовремено одговорија и на интересни прашања на учениците кои се однесуваа на застапеноста на родовата еднаквост во училиштата и општината.
На крај од настанот, заедничката фотографија беше потсетник на едно убаво дружење, но и на заедничка порака дека еднаквоста, почитувањето на различностите и еднаквите можности се темел за подобро општество во кое секој има право да биде прифатен, почитуван и еднакво вреднуван.














