На 20 септември, во сабота, започнуваат едукативните работилници за изучување на подзаборавените стари занаети карактеристични за Велес. Во спомен куќата на Кочо Рацин ќе се одржи грнчарската работилница, во куќата на Васил Главинов ќе се одржи столарската работилница а ткајачката, копаничарската и работилницата за изработка на накит ќе се одржат во Куќата на Касапови. Можност да ги изучуваат овие занаети ќе имаат осмооделенците и деветооделенците од сите основни училишта во градот, а вештините ќе им ги пренесуваат мајстори на своите занаети.
Едукативните работилници ќе траат 9 дена, а десетиот ден ќе биде резервиран за изложба на изработените предмети од страна на учениците.
Работилниците се во организација на Здружението на граѓани „Разбој“, кое веќе десетта година ги спроведува со цел да се презентираат и афирмираат старите велешки занаети и да се доближат до младите генерации.
Едукативните работилници финансиски се поддржани од Министерството за култура и туризам и локалната самоуправа.


