Ултрамаратонците и годинава ја продолжија традицијата, утрово го започнаа  ултрамаратонот до Лопушник, местото на погибјето на великанот Коста Солев Рацин. Петмината маратонци треба да истрчаат156 километри до петок.

Градоначалникот Марко Колев и советници на Советот на Општина Велес ги испратија маратонците и им посакаа поволни временски услови и во добро здравје да го истрчаат маратонот и безбедно да стигнат на местото на денот на погибјето, 13 јуни, каде ќе бидат пречекани од делегација на Општина Велес.

Ултрамаратонот е дел од Програмата за одбележување на 62. Рацинови средби.

Вчеравечер во чест на Рацин, пред неговиот споменик во дворот на Гимназијата се одржа поетско читање од страна на средношколци. Поетските читања со наслов „Кондензирани воздиви“ беа поддржани со музички перформанс на гитара. Учениците поделија и картички со стихови на Рацин меѓу посетителите во угостителските објекти.