Градоначалникот Аце Коцевски, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката-Скопје денеска извршија увид на градежните работи на социјалната зграда во Велес. Изградбата на станбениот објект е финансиран од Влада преку Министертсвото за транспорт и врски во износ од 41.579.000 денари. Социјалната зграда се гради на локација во близина на железничката пруга пред фабриката „Киро Ќучук“ и е наменета за социјално ранливи категории на граѓани. Капацитетот на зградата е 29 станбени единици.

„Денеска сме тука да извршиме увид на градежните зафати на социјалната зграда во Велес што претставува вистинска прилика за граѓаните од социјално ранливите категории да обезбедат пристојни услови за живот. Посакувам ова да биде успешен пример за соработка помеѓу локалната и централната власт“, рече министерот Бочварски.

„Ги завршивме постапките за уште три згради во други градови и нив ќе ги посетиме како што денес ја посетуваме локацијата во Велес каде што се гради една од социјалните згради“, рече директорот на АД за станбен и деловен простор Трајковски.

„Во име на граѓаните односно семејствата кои се потенцијални кандидати за овие станови, да му се заблагодарам на министерот и на министерството за одлуката да се изгради ваква зграда во Велес која ќе биде наменета за семејства од социјално ранливи категории“, рече градоначалникот Коцевски.

Социјалната зграда во Велес се очекува да биде комплетно изградена до крајот на јуни наредната година.

Инаку, со финансиски средства од министерството за транспорт и врски во висина од 15 милиони денари се реконструираат влезовите на градот, кај Башино Село, Бензиската станица „Лук оил“ и јужниот влез на градот.