Традиционални танци и ора, песни и  шарени носии низ улиците на Велес во наредните четири дена. Од утре, 1 јули, стартува 21-то издание на најмасовната културна манифестација на која се промовира фолклорот, пријателството и меѓународната културна соработка. Интернационалниот фолклорен фестивал Велес 2026 ќе биде исполнет со настапи на фолклорни ансамбли од Македонија но и од повеќе земхји во светот. На сцената на Амфитеатар во Младински парк, пред бројната публика ќе се претстават 10 странски ансамбли од осум земји: Полска, Албанија, Мексико, Србија, Австралија, Костарика, Бугарија и Италија.

На денешната прес конференција градоначалникот Марко Колев се заблагодари на организаторите и посака фестивалот да живее уште многу години.

„Ги повикувам сите љубители на фолклорор од Велес но и пошироко да дојдат и да ги проследат четирите фестивалски денови, заедно да уживаме во прекрасните традиционални танци и песни на гостите од странство но и на домашните фолклорни друштва“, истакна Колев.

Годинава фестивалот е финансиски поддржан со вкупно 1.456.000 денари и тоа еден милон денари од буџетот на Општина Велес и 456 илјади денари од Министерството за туризам и култура. Претседателот на Организацискиот одбор на ИФФ Велес 2026, Томе Јаневски, упати благодарност до сите поддржувачи на фестивалот и истакна дека годинава фестивалот е еден од најмасовните манифестации во Велес и Македонија.

„Во оваа прилика упатувам отворена покана до сите граѓани да дојдат и да бидат дел од незаборавната атмосфера во Младински парк“, рече Јаневски.

Годинешното издание на ИФФ започнува во среда, 01 јули, со дефиле на учесниците низ улиците на Велес. Свеченото отворање е во 20.30 часот во Амфитеатарот во Младински парк, каде ќе се одржат сите фестивалски вечери.

Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одржат во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.