Во рамките на проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра“ денеска во куќата на Касапови во Велес се одржа работилница во присуство на стручни лица за наследство од општините во Франција, Македонија и Албанија. Во својство на домаќин, присутните на работилницата ги поздрави градоначалникот Аце Коцвски.

„Искрено се надевам дека ова пријателство ќе трае како карпата на оваа автентична куќа и дека новите генерации архитекти вклучени во проектот допрва ќе не радуваат со своите активности во заштитата и валоризацијата на културното наследство. Ве поканувам денес да го запознаете духот на Велес и неговите бисери сокриени под ритамот на секојдневниот живот. Ви посакувам многу успех во заедничката работа на овој значаен проект и уште многу заеднички проекти и успеси“, рече Коцевски.

Гостин на работилницата беше Н.Е. Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Република Франција во Република Северна Македонија. Тој изрази изрази задоволство од соработката на француската национална асоцијација на извонредни места и градови со партнерите во Македонија и во Албанија и најави нови заложби за размена на знаења и вештини.

Софи Метадие, пратеник во францускиот парламент и заменик претседател на асоцијацијата рече дека се надева дека оваа соработка ќе продолжи да се развива на цврсти темели.

На работилницата присуствуваа и Марилиз Ортиз, Директор на Асоцијацијата на извонредни места и градови, Жаки Кришон, експерт за урбанизам на културното наследство, како и претставници на македонските, француските и албанските општини.

Исто така, присутните на работилницата работеа на терен на темите попис на културното наследство и сигналитика. Во овој меѓународен проект заедно со Општина Велес вклучени се осум општини од Македонија, пет од Франција и две од Албанија. Проектот ќе продолжи до јуни 2022 година.