Во вечното почивалиште на борците од Велес и велешко, Спомен Костурницата,Општина Велес го одбележа 11 Октомври, Денот на народното востание и Денот на борецот.

Голем број делегации, на Општина Велес, на Советот на Општина Велес, на АРСМ, делегации на јавни институции и установи, претставници на политички партии и здруженија на граѓани, им оддадоа почит на загинатите борци од НОБ и положија свежо цвеќе пред вечниот паметник.

Пред присутните се обрати Градоначалникот Аце Коцевски. „11.Октомври 1941 година е еден од најголемите денови од поновата историја на македонскиот народ, затоа што тогаш започнала борбата се која е извојувана најголемата победа во нашата историја, со која македонскиот народ и припадниците на другите народи кои живееле во овој дел од Македонија, се избориле не само за национална и социјална слобода, туку и за сопствена држава. Затоа, сакам да потенцирам дека заслугите на партизанките и на партизаните, предводени од авангардната КП се големи и преголеми, затоа што ако не беше 11. Октомври, немаше да дојде до 2.Август 1944, ниту пак до 8.Септември 1991 година. Најмалку што можеме да направиме е да ги сочуваме од незаборав спомените од нашето славно и тешко минато, да ја сочуваме вистината, да не ги загубиме корените, затоа што од памтивек се знае дека тие што ги губат корените, го губат и духот“, истакна Коцевски.

Свеченоста по повод 11. Октомври и одбележувањето на 80 години од востанието на македонскиот народ, ја збогати и перформансот на Дора Пајдакова од балетско студио „Анабела“ и музичкиот колаж на професор Веселинка Маџарова и м-р.Илија Настовски.