На денешен ден пред 113 години, во едно скромно грнчарско семејство во Велес се роди Коста Солев Рацин, детето на Апостол и Марија Солеви, кое учејќи го занаетот на татко му го осознаваше животот. Под светлината од гасиената ламба ги запишуваше своите мисли, чувства, надежи. Преку пишаниот збор се бореше против неправдата и ја воспеваше љубовта. Во стихови ги преточи маките на аргатите, тутуноберачите, работниците. Рацин ја преслика душата на Македонецот и на македонската земја во бесмртни стихови и проза. За велешани и за сите нас Коста Солев Рацин е израз на македонскиот јазик, култура и самобитност. Неговата „Бели мугри“ нè потсетува и уверува дека зборот е најсилното оружје, дека песната нема граници а чистата мисла е безвремена и бесмртна.