Викендов Велес го чествуваше својот патрон и заштитник Св. Великомаченик Пантелејмон. Празнувањето на светецот започна со вечерна богослужба во Соборниот храм што го носи неговото име, каде пред присутните граѓани се обрати градоначалникот на Општина Велес Марко Колев.

Празничната програма беше надополнета со музички колаж во изведба на Јована Богдановска и нејзиниот бенд.

Чествувањето на Св. Великомаченик Пантелејмон продолжи со света архиерејска литургија во храмот со која чиноначелствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатанѓел во сослужение со свештенството и во присуство на голем број верници кои вчераутро дојдоа да му се поклонат и да се помолат за здравје пред заштитиникот на градот.

Соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ е изграден во 1840 година од прочуениот македонски градител Андреја Дамјанов и неговите браќа. Храмот е познат по својата единствена акустика и е еден од најрепрезентативните културно-историски споменици во Велес кој привлекува бројни домашни и странски посетители.