Соборниот храм Св. Великомаченик Пантелејмон вечерва беше претесен да ги собере сите верници и гости кои присуствуваа на одбележувањето на празникот на светецот, патронот и заштитникот на градот. Чествувањето на празникот започна со вечерна богослужба со која чиноначелствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски. Г. Агатангел заедно со македонското православно свештенство од Повардарската епархија.
Празникот на градот на сите граѓани на Велес им го честиташе Градоначалникот Марко Колев кој истакна дека заштитникот на градот, семилостивиот Св. вмч. Пантелејмон, да не чува и штити од непогоди и невољи, да ни даде сила и храброст да истраеме во ова време невреме и да ни помогне да се свртиме кон вистинските вредности во животот.
Пред верниците се обрати и Митрополитот Повардарски Агатангел кој рече дека само сплотени и еднакви можеме да ги надминеме сите пречки и предизвици во времето во кое живееме.
Во преубавиот празничен амбиент надополнет со импозантната внатрешност на храмот присутните граѓани можеа да ја проследат и промоцијата на монографиката „Архитектурата и сликарството во црквата Св. вмч. Пантелејмон, изградена во далечната 1840 година од неимарот Андреја Дамјанов. Авторот на монографијата проф.д-р. Велика Ивковска се заблагодари за честа, во овој преубав храм, да ја промовира својата монографија.
Празничната атмосфера на одбележувањето на патронот и заштитникот на градот, ја надополни и настапот на Камерниот црковен хор „Св. Вмч. Пантелејмон – Велес.
Одбележувањето на празникот на патронот и заштитникот на градот ќе продолжи во среда со Света празнична и Архиерејска литургија со која ќе чиноначелствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски. Г. Агатангел заедно со македонското православно свештенство од Повардарската епархија.
Општина Велес го прогласи Св.Великомаченик Пантелејмон за заштитник патрон на градот во 2009 година.