Членовите на клубот на писатели „Коста Солев Рацин” од Велес, вечерва настапија пред велешката публика и љубителите на пишаниот збор во рамки на Велешкото културно лето 2020 „ВелеСOOLтУра – Латитуда 41’ / Лонгитуда 21’”.

Велешката поетска вечер со писатели, гости од целата држава, кои се членови на поетски друштва се одржува традиционално секоја година во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин”, во соработка со Општина Велес.

На годинешната, единаесетта по ред Велешка поетска вечер, која се одржа на платото пред Ликовниот салон, свое поетско читање имаа писатели од Струмица, Кочани, Скопје, Битола, Прилеп и членови на Клубот.

Гости на вечерта беа младата поетеса Ивана Килибарда од Нови Сад, Република Србија и нејзиниот брат, Немања Килибарда, кој изведе музички дела на гитара.

Поради актуелната ситуација со Ковид-19 сите настани и активности се реализираат согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на коронавирусот.

Програмата на Велешко културно лето 2020 можете да ја погледнете на следниов линк.