Триесетина професионални пливачи и аматери учествуваа на осмиот по ред пливачки маратон, што се одржа во водите на езеро Младост во Велес. Организатор на маратонот е Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“, а  техничка поддршка  дадоа Општинската организација на Црвен Крст Велес и  Кајак клубот „Бабуна“ Покровител на настанот е Општина Велес. Традиционалниот пливачки маратон свечено го отвори Градоначалникот Аце Коцевски.

„Сакам да упатам голема благодарност до организаторот на маратонот што и годинава успеа и покрај ограничувањата поради пандемијата, да го организира овој традиционален пливачки маратон, како и на бројните спонзори кои безрезервно го поддржуваат натпреварот“, рече Коцевски.

За својот придонес во успешното реализирање на велешкиот пливачки маратон во годините наназад, Градоначалникот Коцевски доби благодарница од организаторот на настанот. Благодарницата лично му ја врачи најдобриот маратонски пливач Томи Стефановски.

Маратонското пливање заврши со доделување на наградите и дипломите на најдобрите пливачи. И годинава почесното прво место го освои светскиот првак во пливање Евгениј Поп Ацев, кој пливаше на патеката долга 5.000 метри. Веднаш зад него, беше пливачот Александар Илиевски, кој се закити со второто место. Првото место во истата категорија за жени и припадна на Јана Костадинова.

Во категоријата 2.500 метри професионални пливачи мажи, првото место го освои Сергеј Малјановски Арнаудовски, додека второто му припадна на Матеј Димитров. Од жените во истата категорија најдобра беше Лора Крстевска.

Од категоријата аматери кои пливаа на патека долга 2.500 метри најдобри беа Дарко Поп Ацџев и Ивона Наумова. Во категоријата за деца до 11 години најдобар беше Никола Велковски, кој пливаше на патека долга 800 метри, а најдобро од девојчињата беше Неда Стефановска.

Осмиот по ред велешки пливачки маратон се одржа со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита од Ковид 19. И покрај променливото време, маратонот го проследија  голем број на љубители на пливачкиот спорт.