Службеникот за млади при Општина Велес, Владимир Смилев е прогласен за најдобар службеник за млади во Македонија. Признанието претставува потврда за неговата посветеност, професионалност и континуиран ангажман во создавањето можности и  подобри услови за младите во Велес. Особено е значајна неговата посветеност и истрајност во процесот на отворање на Младински центар во градот како и за формирање на Локалниот младински совет на Општина Велес, кои освен што се законска обврска се значајни за младите кои преку разлилчни форми на организирање ги презентираат своите креативни идеи, креираат младински политики и реализираат бројни иницијативи и активности.

Младинскиот центар во Велес е отворен меѓу првите во државата и континуирано спроведува проекти и активности од суштинско значење за младите во Велес.

Наградата која гласи „Награда за партнери на младите во категоријата „Службеници за млади“ на Смилев му беше доделена на Меѓународниот ден на младите, 12 Август, на настан организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Националниот младински совет на Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Ова признание е успех не само на Смилев туку и на Општина Велес која, како и во изминатите години, така и во иднина, ќе продолжи да работи на унапредување на младинските политики, безрезервно ќе ги поддржува младите и нивните иницијативи и активно ќе ги вклучува во животот на локалната заедница.