Во организација на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија, денеска во спортската сала „Гемиџии“ во Велес се одржаа 25. Републички спортски пензионерски игри. Домаќин на настанот е Здружението на пензионери Велес. На спортските игри учествуваа 152 пензионери од 32 општини. Учесниците ги поздрави Градоначалникот Коцевски и им посака успешни игри.
„Сакам да Ви посакам успешни игри, и да не заборавите да спортувате, да се движите и рекреирате затоа што само така можете да осанете здрави и да го продолжите својот живот“, рече Коцевски.
Претседателката на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова ги прогласи за отворени Републичките спортски пензионерски игри.
„Овие спортски пензионерски денови покажуваат дека и во третата доба може да се биде во добра физичка состојба. Секако, тоа е показател дека нашите повозрасни сограѓани, кои во својот работен век дале огромен придонес во општеството, сè уште можат да бидат активни во сите сфери и да водат исполнет живот“, рече Трајкова.
Учесниците се натпреваруваа во неколку спортски дисциплини, во категории мажи и жени.
Годинава се одбележуваат и 75 години од пензионерското организирање во државата, а на 20 Септември се одбележа и Денот на пензионерите.