Заплови 24 Вардарска регата до Солун. Педесетина учесници во организација на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, утрово тргнаа од Мало мовче и шест дена ќе пловат низ Вардар, до крајната дестинација. За прв пат годинава ќе пловат до Солун, следејќи го трговскиот и револуционерниот пат на Гемиџиите. Градоначалникот Марко Колев ги испрати и им посака успешна пловидба.
„Традицијата и историјата се оние кои не обликуваат и го создаваат нашиот идентитет. Да ги чуваме и негуваме“, истакна Колев.
Пред да го започат своето патешествието по водите на Вардар, учесниците положија свежо цвеќе на споменикот посветен на четиринаесетмината гемиџии кои под каузата „Се арчиме за Македонија“ го дадоа животот за Македонија. Почит оддадоа делегации на Општина Велес и јавни институции.