Членовите на Локалниот младински совет на Општина Велес (ЛМС Велес) заедно со службеникот за млади го заокружија циклусот на консултативни состаноци со претставници на младите од засегнатите страни во Општина Велес, а со цел изработка на годишна Програма за работа на Локалниот младински совет на Општина Велес за 2027 година.

Согласно законските одредби од Законот за младинско учество и младински политики, Локалните младински совети подготвуваат годишна Програма за своето работење за секоја календарска година. Во периодот од 22 до 30 септември беа организирани консултативни состаноци, фокус групи и средби со претставници на младите од Здруженијата на граѓани, ученичките совети од општинските средни училишта, Младинскиот центар и Europe house (Европска куќа) од Велес.

За време на консултациите, младите претставници од засегнатите страни, на возраст од 15 до 29 години, можеа да ги претстават нивните идеи, сугестии и предлози кои се поврзани со потребите и приоритетите на младите луѓе, со претставниците на ЛМС Велес и со службеникот за млади.

Истовремено, Општина Велес е во процес на реализација на други два документи за млади, локална Стратегија за млади и документ за јавни политики на младите на локално ниво. Документите ќе бидат усогласени со принципите на меѓународната Агенда за млади, мир и безбедност.

Овие процеси се одвиваат со финансиска поддршка и експертска анализа на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), Младински образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), а се дел од проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба”, во кој Општина Велес е партнер-општина.

Со реализацијата на овие документи, Општина Велес уште еднаш ја докажува својата поддршка за младите, а со тоа го задржува и епитетот на општина првенец во државата за спроведување на меѓународни принципи и пракси на локално ниво.