Денеска започна изградбата на најзначајниот капитален проект за Велес и велешани во последните три децении, новиот Градски пазар. На денешниот свечен настан по повод отпочнувањето на изградбата, во организација на Општина Велес, присуствуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев , вицепремиерите Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорот на Бирото за рамномерен регионален развој Рамиз Реџепи , пратеникот Ненад Коциќ, претседателот на Советот на Општина Велес Ќирил Гајдов, советници, директори на јавни институции и други гости.

Градоначалникот Аце Коцевски рече дека изградбата на покриениот градски пазар е дамнешна желба на продавачите и купувачите на пазарот и денеска се реалзира како најголема капитална инвестиција во Велес во последните 30 години.

„Условите на пазарот беа и се уште се лоши како за продавачите така и за купувачите затоа тие со нетрпение го очекуваат новиот пазар, затоа што повеќе нема да ги врне, и нема да бидат изложени на промаја а хигиенските и санитарните услови ќе бидат многу подобри. Велес како централен град во нашата земја е многу важен за продавачите и купувачите и затоа градскиот пазар во Велес не е само локален градски пазар туку тој е регионален кој што ги надминува границите на Варадрски плански регион затоа што во него продават и купуваат и граѓани од градови од повеќе региони во државата. Затоа е многу важен како за локалната така и за националната економија“, рече Коцевски.

Пред присутните гости на настанот се обрати и премиерот Зоран Заев кој истакна дека ова е историски ден за Велес и велешани.

„Новиот градски пазар се гради со најсовремени стандарди за ваков тип на објекти . Изградбата на новиот Градски пазар во Велес е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него остваруваат егзистенција голем број на земјоделци, трговци од целиот регион, велешкиот, па дури и од моја Струмица, од западниот дел на државата. Развиени општини значат силна економија, токму затоа ние како Влада поддржуваме вакви капитални проекти“, рече Заев.

Новиот Градски пазар ќе се гради во две фази. Најпрво ќе се гради горниот дел од постоечкиот дел, кој треба да биде готов за четири месеци а потоа и долниот дел од пазарот. За изградба на овој капитален проект обезбедени се вкупно 86 милиони денари и тоа 40 милиони денари Општина Велес обезбеди преку Владата од ставката за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа, останатите 46 милиони денари како заем од Светска банка преку Програмата за подобрување на општинските услуги. Дополнително се очекува и финансиска поддршка во висина од 15 милиони денари преку Центарот за развој на Вардарски плански регион што треба да ги обезбеди Бирото за регинален развој.