Под мотото „Опортокалови го светот: Стави крај на насилството врз жените сега !“, денеска започна кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство. На симболичен начин, облечени во маици со логото на кампањата и со балони во портокалова боја, членки на Организацијата на жени, вработени во општинската организација, претставници на Комисијата за еднакви можности помеѓу мажи и жени, советници и Градоначалникот Колев се упатија пред Секторот за внатрешни работи во Велес и на вработените им поделија маици и промотивен едукативен материјал.

„Почитувани присутни, поддржувачи и сојузници на активизмот за женски права, дозволете ми од свое лично име и од име на Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите на Советот на Општина Велес да Ве поздравам и да Ви заблагодарам што подеднакво силно мотивирано ја отпочнуваме традиционалната 16. дневна кампања против родово базирано насилство“, истакна Весна Атанасовска, претседателка на Комисијата за еднакви можности помеѓу машите и жените.

„Прашањата за правата и положбата на жените во Велес, во Македонија, се важни прашања. И никој не смее да биде дискриминиран. Ако е тешко за жените во руралните средини, на жените во урбаните средини,  тогаш да не мериме колку им е тешко на жените жртви на насилство. Да помогнеме и да создаваме еднакви услови и можности за личен развој на секоја индивидуа. Јас останувам Вашиот верен поддржувач  во сите акции и иницијативи“, истакна Градоначалникот Колев.

Носител на кампањата е Организацијата на жени во соработка со Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените, финансиски е поддржана од Општина Велес.

Во рамки на кампањата ќе се одржат низа активности за зајакнување на јавната свест за превенција и спречување на родово базирано насилство.