Педесет илјади дрвја се засадија на локација во близина на езеро Младост. На 23 хектари површина засадени се багрем, даб и јасен. Во акцијата за пошумување учествуваа ученици од основните и средните училишта од Општина Велес, граѓански организации, ОО Црвен крст Велес, Општина Велес, ЈКП Дервен како и претставници на Пивара Скопје, Пакомак, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални шуми. Дрвја засади и градоначалникот на Општина Велес Марко Колев.

Акцијата за пошумување е дел од проектот „ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ во организација на компанијата „Мен енд маунтен“ со поддршка на Пивара Скопје, Пакомак, министерствата за животна средина и земјоделство, ЈП Национални шуми, Шпаркасе банка, Нула Отпад, а Општина Велес активно учествува од 2021 година.

Целта на овој десетгодишен проект е за секои 10 килограми собран отпад да биде засадено по едно дрво и да се формира шума која ќе расте од година во година. Годинава Општина Велес по втор пат е избрана од општините за садење на дрвја.