Преку организирана работилница за користење на готов компост, произведен во новонабавените електрични компостери и со презентација на постигнатите резултати од проектот насловен „Селектирај – компостирај“, во ОЈУДГ „Димче Мирчев”, Објект 2 „Сонце”, беше одржан завршен настан на кој беше претставен и се заокружи едногодишниот процес на имплементација и реализација на истоимениот проект, кој го реализираше ЕД „Вила Зора” од Велес.
На завршниот настан децата од Градинката посадија зачински растенија во саксии користејќи хумус и компост создаден од остатоците од храната која се користи во исхраната во самата институција.
ЕД „Вила Зора” го реализираше својот проект „Селектирај – компостирај“ како дел од Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 (ReLOaD2) кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиска поддршка од Општина Велес.
Проектот ReLOaD 2 се спроведува во осум партнерски општини: Велес, Битола, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид и преку транспарентен пристап за финансирање на проекти на граѓанските организации се поттикнува поголема граѓанска вклученост во процесот на донесување одлуки со што се подобруваат услугите што се обезбедуваат на локално ниво.