Со стенд ап настапот на акетрот Сашко Коцев, на сцената на велешки театар, вчеравечер, заврши четвртото издание на театарскиот фестивал „5ре“, посветен на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко. Љубителите на театарската уметност имаа можност да изгледаат десетина претстави од домашни и странски театарски екипи. За прв пат годинава на фестивалот се доделија и награди, плакети со ликот на Прличко и благодарници.

Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби актерката Марија Новак за улогата во претставата „ Секс, лаги и љубомора“. Актерот Сашо Тасевски ја доби наградата за најдобра споредна машка улога во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Наградата за најдобра женска улога ја доби актерката Зорица Панчиќ, за улогата во претставата „Госпоѓа министерка“. Синиша Ефтимов ја доби наградата за најдобра режија на претставата „12“. Оваа претстава беше прогласена за најдобра, а по избор на публиката, претставата „Покојник“ ја доби наградата за најдобра претстава.

Театарскиот фестивал „5ре“ се реализираше во организација на Здружението „Плус публика“ со финансиска поддршка од Општина Велес и Министерството за култура и туризам.