Според информациите од ЈЗУ Здравен дом, од започнувањето на вакцинацијата во Велес, вкупно се аплицирани околу 28 000 дози од сите типови на вакцини, од кои со прва доза се вакцинирани околу 16 250 граѓани, а со втора доза 11 750 граѓани, информираше на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски.
„Зголемен е интересот на граѓаните за примање на вакцина, дневниот просек на вакцинирани граѓани е 550 до 700 граѓани”, рече Коцевски.
Денес, петок 13 август, до 09:00 часот, во ЈЗУ Здравен дом се вакцинирани 120 граѓани.
На 9 јули и на 5 август, вакцинирани се вкупно 52 малолетни лица, а по 5 август, сите деца кои доаѓаат во придружба на родител / старател се прифаќаат и се вакцинираат.
На 17, 18 и 19 август и на 30 и 31 август 2021 година, во вакциналниот пункт во ССОУ „Коле Неделковски” ќе се спроведува само ревакцинацијата на граѓаните со вакцината на Астра Зенека.
Сите останати активности поврзани со вакциналниот пункт во Велес се одвиваат непречено и секојдневно во просториите на ЈЗУ Здравен дом Велес.
Градоначалникот Коцевски упати апел до жителите на Општина Велес да ги следат препораките и да се придржуваат кон мерките за заштита од пренесување на вирусот Ковид-19 на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.