По повод националниот празник Илинден, Денот на Републиката, утринава им беше оддадена почит на загинатите борци за слободна Македонија од Илинденскиот период и од Втората светска војна.
На 2. Август годинава се навршуваат 116 години од почетокот на Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ. Делегации на Општина Велес, членови на Сојузот на борци од НОАВМ-Велес, на јавните институции од градот, членови на семејства на загинати борци, политички партии и невладини организации, положија свежо цвеќе на споменикот на велешките Илинденци во центарот на градот, пред споменикот на великанот Панко Брашнаров, како и во Спомен-костурницата, каде се одржа и централната свеченост.
Свое обраќање пред присутните имаше Марин Клифов, виш кустос историчар при ЛУ Народен музеј – Велес, кој го истакна историското значење на двата Илиндена 1903 – 1944. Во чест на загинатите херои, свои уметнички творби читаа велешките поети Родна Јанчева, Божидар Јовиќ и Јасмина Ѓорѓиева, членови на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин” од Велес.