Инклузијата во образованието и процесот на вработување преку достапни локални услуги дизајнирани по мерка на лицата/младите со попреченост беше во фокусот на денешната средба што Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија ја презентираше во рамки на проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“.
Проектот е финансиран од Европската Унија и се спроведува од март 2018 до февруари 2020 година, а средбата се одржа во ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”.
„Општина Велес во континуитет презема мерки за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост, согласно активностите кои произлегуваат од Локалниот акциски план за инвалидни лица (ЛАПЛИ)” рече градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски во своето поздравно обраќање. Пред присутните претставници на Фондацијата, здруженијата на граѓани и од јавните институции Коцевски ја истакна заложбата на Општина Велес за досегашните активности и поддршката што континуирано ја пружа.
Освен во Општина Велес, до крајот на овој месец, регионални настани од овој тип ќе бидат организирани и во општините Куманово, Струмица, Гостивар, Карпош, на кои ќе бидат споделени позитивните искуства од проектните активности реализирани во партнер општините и ќе се промовира „Моделот на инклузивна општина“ развиен во рамки на Проектот.
Регионалните настани имаат за цел да ги пренесат знаењата стекнати низ процесот на градење на капацитетите на локалните невладини организации и нивните инклузивни активности спроведени во соработка со локалните училишта и општинските власти.