Информациите во врска со работењето и преземањето активности на институциите за заштита од Ковид-19, како и заклучоците произлезени од дваесет и првата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на денешната прес конференција ги презентираше градоначалникот Коцевски.
Тој ја пренесе информацијата од МВР – СВР Велес дека од 1 јули до сега издадени се 196 платни налози за неносење заштитни маски од полициската станица и 265 платни налози за истиот прекршок од страна на сообраќајната полиција, 26 на територијата на Општина Чашка и 77 на територија на Општина Градско, а нема регистрирано прекршување на мерките за самоизолација. МВР – СВР Велес преземаат соодветни мерки и во врска со одржувањето на свечености во домашни услови (свадби, сунети, крштевки и слично) и поради тоа се вршат редовни контроли.
Информациите од пазарната инспекција велат дека е забележано непочитување на мерките за држење растојание во неколку кафе барови, а за два од нив изречени се и казни.
Од 17 јули 2020 година, Општинската Организација на Црвен крст доби дозвола да продолжи со делење на пакети на социјално загрозени семејства во градот, при што се поделени 30 пакети (15 прехрамбени и 15 хигиенски). Додека пак Фондот за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ) донираше 85 пакети со хигиенски средства. Воедно, продолжуваат активностите за доставување на лекови и давањето психо-социјална помош за граѓаните на кои им е потребна.
Градоначалникот Коцевски ја пренесе и информацијата дека повеќе нема медицински персонал од Велес кој се наоѓа на испомош во Градската Општа болница „8 Септември” во Скопје.
„Посветено е посебно внимание на квалитетот на водоснабдувањето со вода за пиење од ЈКП ‘Дервен’ за жителите од Караслари и од улиците во повисоките зони во градот. Се работи на решавање на проблемот за водоснабдување во с. Караслари со активирање на третата пумпа која во моментов дистрибуира вода за технолошки потреби за компанијата ‘Маркард’ и доколку испитувањата покажат дека водата ги задоволува стандардите ќе може да се пренасочи и за водоснабдување. По завржувањето на изборите ќе може да се стават водомери на сите куќи со што состојбата со водоснабдувањето на сограѓаните од улиците во повисоките зони во градот веднаш ќе биде подобрена и решена”, истакна Коцевски.
Тој додаде дека недостатокот на вода на улица „Питу Гули” во текот на денот и вечерните часови (над Којник) е заради тоа што не е реконструирана водоводната линија и побара разбирање од сите жители при што се заложи дека во прва можна прилика и овој проблем ќе биде решен.
„Задоволни сме како функционира Главниот зелен градски пазар, а откако е отворен и Малиот пазар во Нова населба се јавува проблем со обезбедување на редарска служба, но сето тоа брзо ќе го надминеме. А работиме и на проблемот за продажба на габаритни земјоделски производи, надвор од пазарот како лубеници, дињи и слично кои најчесто се продаваат од комбиња или приколки”, изјави градоначалникот Коцевски.