Спомен костурницата, велешката пита, Пешти, Велес паметен град, Саат кулата,, езерото Младост се дел од идеите за туристички потенцијали кои граѓаните на Општина Велес ги идентификуваа, а според нив претставуваат препознатлив туристички бренд за Велес и истите ги предложија на форумот кој денес се одржа во просториите на Општина Велес како дел од проектот „Велес инспирира – форум за предизвиците на туристичките потенцијали на Општина Велес”.
Пред присутните претставници на бизнис заедницата од градот, студентите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, учениците од општинските средни училишта и претставниците на здруженијата на граѓани, во своето поздравно обраќање градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја истакна важноста и значењето на туризмот, посебно транзитниот туризам како недоволно искористен потенцијал на Општина Велес.
Создавање имиџ и брендирање на туристичка дестинација беше темата на која говореше вториот предавач на работилницата, проф. д-р Науме Мариноски, редовен професор при Факултетот за туризам и угостителство, Охрид, кој ја нагласи потребата од постоење брендирани трговски марки и градење препознатлив имиџ на градовите.
Извршната директорка на Стопанската Комора за туризам Билјана Пејоска Ристеска говореше на тема за управување со туристичка дестинација. „Инкорпорирајте ги трите основни компнененти за развој на квалитетна туристичка дестинација, односно Made in- оригинал и квалитет, Invest in- услови за вложување на домашни и странски инвестиции и Come in-атрактивности и посебност“, порача Пејоска Ристеска.
Целта на настанот е идентификување на туристичките потенцијали и главните потреби на локалната заедница во Велес во поглед на развојот на туризмот во општината преку процес на дијалог со сите чинители. Проектот „Велес инспирира – форум за предизвиците на туристичките потенцијали на Општина Велес” го организираше Општина Велес, со финансиска поддршка од Министерството за економија на Република Северна Македонија.