Со настапот на финалниот натпревар во рамките на Европскиот куп во спуст на диви води, во дисциплината спринт, кој се одржа во Чешке Будејовице (Република Чешка), велешанецот Љубомир Спасиќ ја доби титулата европски првак во кајак.
По повод постигнатиот успех, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денес организираше свечен прием при што му честиташе за големото достигнување.
„Задоволство е да се биде во присуство на европски првак, кој со својот пример за успешност е доволно добра приказна која поттикнува и мотивира” истакна Коцевски, при што ја нагласи поддршката што Општина Велес континуирано ја дава на спортистите и спортските клубови од градот.
Спасиќ го потврди првото место во генералниот пласман за 2019 година во конкуренција на над 200 кајакари од 17 земји и освои 333 бода. Сезонава Спасиќ учествуваше на шесте натпревари во рамките на Европскиот куп, во Скопје, на Треска (6. место), во Словенија (7. место), Германија (7. место), во Шпанија (24. место), во Италија (9. место) и во Чешка (27. место). Во септември годинава, Спасиќ ќе настапи и на Светското првенство што ќе се одржи во Шпанија во Ла Сеу, Дуржел.