На денешната прес конференција градоначалникот Коцевски соопшти дека наскоро ќе почне изградбата на новиот градски пазар. Веќе е избрана фирмата која ќе ги изведува градежните зафати на горниот дел од пазарот односно фаза 2. Тоа е Изведувачот – „Друштво за градежништво, трговија и услуги БАУЕР БГ ДОО“ со седиште во Скопје. Вкупниот износ за изградба на новиот пазар, за фаза 2 е 34.696.686,18 денари со вклучен ДДВ. На јавниот повик беа доставени 7 понуди но само 4 беа со валидна документација.
Во предвидениот рок за жалба кој траеше 10 дена, не е пристигната ниту една жалба по донесената одлука. Во тек е подготовка на Договорот за јавна набавка. Откако ќе се потпише договорот меѓу двете страни ќе стартува изградбата на пазарот која според договорот треба да заврши за 4 месеци.
Фирмата изведувач е избрана преку отворена постапка за јавна набавка по огласот објавен на 5 февруари годинава. Електронската аукција се одржа на 19 февруари со учество на сите 4 понудувачи. Комисијата за јавни набавки одлуката за избор на најповолен понудувач ја донесе на 23 февруари.
„Изградбата на Покриениот Градски пазар е еден од најзначајните проекти во Општина Велес и со него ќе се создадат нормални и современи услови за продажба на земјоделски и други производи“, рече Коцевски.