Информацијата за постигнатиот успех на младиот велешанец, Христијан Андовски, ученик во ССОУ  „Коле Неделковски“ на годинешното издание на европското финале на Европскиот квиз на парите и освојувањето на вицешампионското место ја објави и поздрави градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.

На Европскиот квиз на парите оваа година учествуваа пет милиони учесници од 28 европски држави.

„Повторувањето на успехот на европско ниво од страна на младиот Андовски, уште еднаш потврдува дека интензивното вложување во финансиската едукација на младите од земјата, веќе дава видливи резултати, како преку интересот на младите за стекнување знаења во областа на финансиите, така и преку подигнување на нивото на нивната финансиска писменост. Дополнителен показател за ова е и тоа што годинава, во големото европско финале на Европскиот квиз на парите, најбројни беа македонските претставници” изјави градоначалникот.

Учеството на македонските претставници на Европскиот квиз на парите го организира Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.