Прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти денеска свечено беше отворен во просториите на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Центарот е дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка. Тој е опремен со лабораториска опрема на која сите заинтересирани актуелни студенти и дипломирани ќе можат да ги усовршуваат и продлабочуваат своите стручни знаења и претприемачки потенцијали за отворање на сопствен бизнис. На автоматизираната опрема ќе се анализираат суровините и прехранбените намирници, ќе се одредува количина на протеини, масти и вода во продуктите. На свеченото отворање присуствуваа Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, Н.Е. Сибил Зутер Техада, Амбасадорка на Швајцарија, Градоначалникот Аце Коцевски, в.д. Директорот на Центарот за развој на Вардарски плански регион Игор Андреев и претставници на факултетот.

„Беше задоволство да се види опремата и лабораторијата бидејки тука конкретно ќе можат студентите од прва рака на конкретни примери да го унапредуваат своето знаење“, рече амбасадорката Сибил Зутер Техада.

„Овој Прехранбено-технолошки центар ќе му служи на приватниот сектор и на образованието бидејки правиме спој меѓу образованието и претприемништвото што и практично ги оспособуваме студентите за пракса кога ќе отидат да работат во приватен сектор. Тие ке бидат готов едуциран кадар“, рече министерот Милевски.

„Искрено верувам дека современата опрема набавена во рамките на проектот ќе помогне во подобрувањето на стандардите за квалитет на суровините и прехрамбените намирници и на регионално и на национално ниво и ќе им отвори на нашите компании уште поголеми можности за пласман на производите на домашниот и странскиот пазар“, рече Градоначалникот Коцевски.

„Воспоставувањето на Прехранбено-технолошкиот центар ќе резултира со зголемена понуда на нови прехранбени производи со посебни нутритивни и функционални карактеристики, произведени според барањата на современиот потрошувач, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашниот и странскиот пазарот“, рече деканката на факултетот, Татјана Калевска.

Во прехранбено-технолошкиот центар можат да се добијат и стручни совети за поттикнување на иновативните производи особено во прехранбениот сектор, лабораториски анализи на суровини и прехранбени производи, стручна помош при подготовка на проектни апликации, совети од секојдневната пракса при имплементација на иновативната технологија.

„Драго ми е што, успеавме да го имплементираме овој проект, од кој бенефит ќе имаат фирмите во регионот. Особено е важна поддршката за компаниите во прехрамбениот сектор, во пост-ковид периодот, во кој треба да зборуваме за реален раст, а не само за преживување. Раст, кој е возможен само преку иновации и понуда на нови производи, согласно потребите на новите генерации потрошувачи“, рече в.д. Раководителот на ЦР ВПР, Игор Андреев.
„Компанијата Мирана ДООЕЛ во рамките на овој проект ќе развие нов иновативен производ- фил за кроасани. Самиот производ, фил, бара да има ниска концентрација на активна вода во истиот, со што се спречува создавање на поволна средина за равој на бактерии, квасци и мувли, параметар кој ќе биде испитуван во новоформираната лабораторија.“, рече Анета Стајиќ, претставник на Мирана ДООЕЛ.

Центарот претставува долгорочен стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентноста во Вардарскиот плански регион преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис заедницата од прехранбениот сектор и факултетот. Финансиран е од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупен буџет од 2.169.000,00 денари.