Драги деца,
Во име на Советот на Општина Велес, во име на сите жители на градот и во свое лично име Ви го честитам Меѓународниот ден на детето, 20 ноември. На овој ден, секоја година, се потсетуваме на Вашите права кои произлегуваат од Конвенцијата за правата на децата усвоена во 1989 година.
На овој ден се потсетуваме дека Вие сте сегашноста и иднината на секоја држава. Се потсетуваме на фактот дека сте најбитната алка од синџирот наречен живот. Но прашање е колкумина од нас возрасните сме свесни за обврските на заедницата кон Вас, како и колку се грижиме за најранливата категорија. За жал децата се уште се изложени на злоупотреба и насилство од страна на возрасните но и на глад и на сиромаштија.
Затоа упатувам апел до возрасните, да бидеме свесни и совесни, да го слушаме крикот на децата,да ги слушнеме нивните желби и да ги водиме на патот кон остварување на нивните соништа. Само така ќе создадеме здрави, самосвесни и успешни личности, кои ќе бидат столбот на ова општество.
Ви посакувам здравје, среќа, безгрижно детство и успех во образованието и воспитувањето.
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес
Аце Коцевски