Апликацијата на Општина Велес за реализација на проектот за уредување на централно градско подрачје е одобрена во прва фаза. Општината има рок до 21 април годинава да ја заокружи целокупната техничка документација и да ја достави во финалната фаза на проценка.
Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција информираше дека проектот насловен „СМАРТ (Паметни) решенија за Велес“ е аплициран во рамките на Програмата „ЕУ за општините – подобрување на услугите на локалната самоуправа преку иновативни концепти“.
„Аплицираме за поддршка од Европската Унија во висина од 750.000 евра. Проектот всушност е практична реализација на Планот за одржлива урбана мобилност. Апликацијата вклучува уредување на плоштад и подземна гаража на локацијата пред Основниот суд, редефинирање на постојниот и изградба на уште еден нов кружен тек, уредување на пешачка и велосипедска зона на улицата „8-ми септември“. Според планот улицата ќе биде достапна исклучиво за службите на итната медицинска помош, полицијата, Територијалната противпожарна единица и возилата на јавниот превоз“, додаде Коцевски.
Проектот вклучува и голем број таканаречени смарт или паметни елементи како што се паметни автобуски постојки, пристап до интернет преку урбани елементи со соларно напојување, паметен паркинг, полнач за електрични возила, електрично возило за туристи, набавка на 20 електрични велосипеди со дигитален систем за споделување, паметно осветлување, дигитални инфо табли и друго.
Тимот на Општина Велес работи на овој проект со поддршка на стручни консултанти. Идејниот проект го изработија еминентни стручњаци од Архитектонскиот факултет во Скопје. Во моментов се работи на Основниот проект и останатата проектна документација.
Целта на проектот е велешани да добијат вистинска пешачка зона во срцето на градот, да се намали сообраќајниот метеж и да се намали загадувањето во централното градско подрачје. Воедно проектот цели кон создавање подобри услови за локална економија во центарот на Велес особено за компаниите во областа на угостителството и трговијата.
„Искрено се надевам дека ќе успееме да добиеме поддршка од Европската Унија и дека жителите на Велес ќе добијат свој простор за прошетки, релаксација и дружење во центарот на Велес“, истакна Коцевски.