На денешната прес конференција што ја одржаа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и жири комисијата во состав д-р Сашо Димоски, претседател на комисијата и членовите, актерите Фаик Мефаилоски и Талија Настова го соопштија добитникот на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2019 година. Тоа е Диме Илиев еден од доајените на актерската игра.
„Оваа година имаме чест да ја доделиме актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ по тринаесетти пат. Наградата ја востановивме во 2006 година, со цел да го направиме името на Петре Прличко бесмртно, во чест на неговите огромни остварувања во театарската и филмската уметност. Театарот е чудна магија и колективна игра во која се вклучени многу професионалци. Затоа апелирам да ја негуваме театарската уметност, да создаваме нова театарска публика и да ја зголемуваме љубовта на младите кон театарот”, истакна Коцевски. Претседателот на комисијата д-р Сашо Димовски ја прочита одлуката и ги соопшти резултатите за избор на добитникот на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2019 година.
„Пристигнаа четири апликации и по разгледувањето и расправата, комисијата едногласно донесе одлука годинешен лауреат на наградата за животно дело ‘Петре Прличко’ да биде актерот Диме Илиев” соопшти Димовски. Диме Илиев е роден во Кавадарци, (19 септември 1952), познат македонски театарски актер и режисер. Член е на ансамблот на Драмски театар Скопје, неодамна пензиониран и има одиграно преку триста седумдесет уметнички остварувања. Во рескпектaбилната бројка на улогите одиграни во театар, запомнети од критичарите како најмаркантни, ги има преку сто и педесет од кои поголемиот број главни. Се бележат осум улоги на филм, осумнаесет телевизиски, како двеста радиодрамски улоги. За своите актерски остварувања Диме Илиев има добиено многу значајни награди. Свеченото доделување на наградата за животно дело „Петре Прличко“ на добитникот ќе му биде врачена вечерва во НУ Театар во Велес, а во негова чест ансамблот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” ќе ја одигра театарската претстава „Слуга на двајца господари”. Свеченоста е дел од активностите за одбележување на 9 Ноември, Денот на Општина Велес и истата започнува во 20:00 часот.