Пеесетина вљубеници во пешачењето попладнево се искачуваат на Вршник. Општина Велес во соработка со здружението „Грин Пауер” денес организираа рекреативна тура, односно искачување на најблискиот велешки рид Вршник (450мнв) со цел промоција на пешачката патека од реката Тополка до Вршник.
Настанот е насловен „Ајде на Вршник” и е дел од активностите кои во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) се организираат во текот на оваа седмица, а со тоа Општина Велес од 16 до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилност.
Покрај волонтерите од „Грин Пауер”, на настанот се приклучија и поддршка дадоа и граѓани, љубители на планинарењето, рекреативци и волонтери од Планинарскиот спортски клуб „Чеплес”, „Македонски спасител”, „Зелен рај”, „Друштво на родители за грижа за здраво поколение” и други здруженија од градот, група на жители од Јаболчиште, ентузијасти – планинари од Скопје, Битола и гости од Обединетото Кралство. Највозрасниот од нив, кој со задоволство се приклучи на акцијата има 70 години.
Во текот на оваа седмица, волонтерите од партнер организацијата „Грин Пауер”, ја исчистија и соодветно маркираа пешачката патека, со што истата беше подготвена за денешното промовирање како можност за рекреација и планинарење.
За време на искачувањето учесниците добија ќеси и го собираа отпадот кој зад себе го оставиле несовесните граѓани со што овој настан доби и дополнителна вредност.
Проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка.
Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност се и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центарот во Скопје, 🇪🇺 како и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат и на оваа активност, последна од низата активности, пред утрешното официјално завршување на проектот во 11 часот на С’рмаале а детали за сите активности може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.