На денешната прес конференција градоначалникот Коцевски ја информираше јавноста дека Велес е вклучен во финансискиот пакет за ИПА 3 на Европската Унија за поддршка на проекти за заштита на животната средина. Општина Велес во ИПА 3 програмата е вклучена заедно со Општина Штип за реализација на проект за изградба на пречистителна станица со колекторски систем. Почетокот на градење се очекува да биде во втората половина на 2022 година, а очекуваната вредност според проектната документација е од 23,5 до 24 милиони евра.
„Општина Велес има обврска во наредниот период да отпочне процес на експропријација на градежно земјиште и други витални посебно геодетски работи за потребите за реализација на овој проект“, истакна Коцевски.
Само техничката документација подготвена во рамките на овој капитален проект чини околу 1,5 милиони евра. До сега завршена е физибилити студијата или студијата на изводливост на проектот, кост –бенефит анализата односно анализата на економската исплатливост на проектот и основниот проект за изградба на колекторски систем, реконструкција на канализација и иведба на нови линии. Завршен е и идејнот проект за изградба на пречистителната станица.
По заокружувањеето на оваа скапа и комплексна тендерска документација се отвораат можностите за реализација на проектот. Голем број реномирани компании од земји членки на ЕУ кои се специјализирани во сферата на управување со води и отпадни води пројавија интерес за овој значаен проект.
„Покрај огромното значење што ќе го има во заштитата на животната средина во нашата земја и во Грција, овој капитален проект вреден милиони евра ќе обезбеди управување со отпадните води во Велес кои повеќе нема да се исфрлаат во Вардар. Искрено се надевам дека програмите и плановите за реализација на ИПА 3 инструментот ќе се реализираат наскоро и дека велешани конечно ќе добијат систем за управување со отпадни води според највисоките европски стандарди“, додаде Коцевски.