Денес свечено беше одбележан 11 Октомври, Денот на народното востание и Денот на борецот.
Свеченоста која ја организираше Општина Велес, се одржа во Спомен-костурницата, каде бројни делегации на Општина Велес, на Владата на Република Северна Македонија, Сојузот на борците од НОАВМ, Советот на Општина Велес, АРСМ, јавни институции и установи, политички партии и здруженија на граѓани оддадоа почит и положија цвеќе пред вечниот паметник на борците од Велес и велешко.


„Во историјата на секој народ постои ден на деновите.Токму таков ден е 11 Октомври. Наша најголема обврска е да го негуваме и возвишуваме споменот на сите борци и граѓани кои загинаа за денешната слобода”, истакна градоначалникот Аце Коцевски во своето поздравно обраќање пред големиот број присутни граѓани.
,,Историјата на една земја не започнува со секоја нова влада и со носителите на сегашните јавни функции.Има подлабоки корени во тоа што свесни и прогресивни луѓе го кренале гласот против неправдите”, рече Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, г-дин Кочо Анѓушев.


Во чест на јубилејот 40 години од отворањето на Спомен-костурницата беше промовиран каталогот „Спомен-костурница на загинатите борци во НОВ од Велес и велешко” од Марин Клифов, в. д. директор на Л.У. „Народен музеј – Велес”. Програмата беше збогатена и со настапите на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј”, под диригентство на проф. Веселинка Маџарова, на професорите од општинското основно музичко училиште „Стефан Гајдов”, на пријателите на Велес од регионот Алзас, Република Франција, Рене Егл и група „Кутерн”, како и со рецитал на македонска борбена поезија во изведба на претставници на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин” од Велес.


Покрај свеченоста во Спомен-костурницата, свежо цвеќе и почит беше оддадена и пред паметниците на Панко Брашнаров во Нова населба, на паднатите херои во Младинскиот парк, како и пред паметникот на великанот Коста Солев Рацин во центарот на градот.
Во рамки на официјалната програма за одбележување на денешниот празник, велешани ќе имаат можност да го проследат јубилејниот концерт на реномираното културно умтеничко друштво „Керамичар” од Велес, кое ја прославува 65-годишнината од своето постоење и успешно делување. Концертот започнува во 18:00 часот, во ООУ “Блаже Конески”.