Денеска во просториите на ООУ „Блаже Конески” на јавна презентација беше претставена нова визија за долгорочен развој на дел од Општина Велес.
Урбанистичката студија за развојниот период 2020 – 2035 година се однесува на просторот на касарната „Алексо Демниевски Бауман”, западно од железничката пруга, каде значаен процент од просторот зафаќаат градби наменети за незагадувачка лесна индустрија. Овој простор според претставената Студија е предвиден за изградба на хумана населба за живеење со пропратни соодветни содржини.
Автори на студијата се професорите на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, Слободан Велевски, Горан Мицковски, Марија Мано Велевска и Иван Арсовски, со сорaботниците Урош Николоски, Сашо Андријевски и Маријана Ковачки. Архитектонско-урбанистичката студија е направена по иницијатива на инвеститорот, Агенција за недвижности „Дематели” од Велес
„Овој пример треба да го следат и други претставници на бизнис заедницата кои се заинтересирани за инвестирање во вакви студии и урбанистички планови за развој на Велес”, рече Градоначалникот Коцевски во своето поздравно обраќање. Тој упати благодарност до инвеститорот Дејан Мирсинов од Агенцијата за недвижности „Дематели” од Велес и до професорите на Архитектонскиот факултет од Скопје, автори на студијата.
Како што нагласи професорот Слободан Велевски, Студијата опфаќа реон од 80 ха, наменет за живот на 4500 граѓани, со потенцијал за отворање на 500 работни места. Идната модерна населба во Велес би вклучувала максимално функционален простор за современ урбан живот: плоштад, стамбени и деловни објекти, пешачки и велосипедски патеки, интерактивни простори за социјализација на жителите, пензионерски дом, младински центар, игралишта, објекти од образование, спорт, здравство, култура, администрација и комерција и 30% зеленило што е стандард за животна средина еднаков на оној што се применува во скандинавските земји.
Од особена важност е што со новиот концепт „Одржливо соседство”, Студијата во целост ги следи најзначајните стратешки документи за развој на Велес до 2030 година, Планот за одржлива урбана мобилност и Стратегијата за паметен град.
Проектот е симболички наречен „Велес 2.0” и неговата цел е да го подобри животот на граѓаните.
Инвеститорот на Студијата, Дејан Мирсинов упати благодарност до професорите од архитектонскиот факултет и нагласи дека овој проект го посветува на своето семејство, а го подарува на Општина Велес.
На јавната презентација присуствуваа претставници на државните и јавни претпријатија, приватни стопанственици, архитектонски, планерски и геодетски фирми од градот и други засегнати страни.
Настанот беше организиран почитувајќи ги мерките и препораките за заштита и превенција од ширење на вирусот Ковид-19.
Целосната презентација можете да ја погледнете на следниот линк.